Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска беше во посета на компанијата „Еврос Комерц” од Старо Нагоричане, специјализирана за производство на фина картонска амбалажа.
Компанијата е помогната со државна помош од над 56 илјади евра, финансиски средства кои ги искористиле за набавка на висококвалитетна машина за виткање и лепење на кутии за фармацевтската индустрија, како и за нов производствен погон за виткање и лепење на упатства за лекови.
„Верувајќи во мотото „добро спакуван производ е добро продаден производ”, Еврос Комерц денес се истакнува како пример во полето на осмислување и реализација на иновативни решенија за пакување на брендови за нашите најреномирани компании.
Од мал субјект во 1993 година, оваа компанија денес брои 37 вработени и се специјализираше во производство на фина картонска амбалажа и пакување на производи од фармацевтската, автомобилската, кондиторската, чевларската и другите индустрии.
Вредните раце на овие работници создаваат препознатлива, уникатна амбалажа на полиците во маркетите, аптеките и на разни други продажни места земјата и регионот. А, со нив и нивната работа, се гордееме и ние бидејќи преку конкретни мерки ја помогнавме изградбата на нивниот бренд и нивниот имиџ кој денес симболизира професионализам.
Оваа компанија досега има користено државна помош од над 56 илјади евра, финансиски средства кои ги искористиле за набавка на висококвалитетна машина за виткање и лепење на кутии за фармацевтската индустрија, како и за нов производствен погон за виткање и лепење на упатства за лекови.
Овде има машини кои на просторите на бивша Југославија ги има само во Словенија и во оваа печатница тука во С.Нагоричане.
„Еврос Комерц” е само една од стотиците компании кои во изминатиот период ги помогнавме преку конкретни мерки за одржливост и што подобро справување со финансиската и енергетска криза, меѓутоа и за поттикнување на нивниот инвестициски развој.
Во 2018 година го инициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто беше усвоен и во Собранието со цел да обезбедиме помош и поддршка, покрај странските и на домашните компании.
Затоа сакам да се заблагодарам и на пратениците од ИЕ 2, пратениците кои се од градот Куманово, кои навистина имаа слух овој закон да биде донесен во Собранието.
Само во текот на 2022 година, по основ на овој закон, обезбедивме 23 милиони евра директна финансиска помош за 410 компании, што е најголема државна поддршка за домашни компании досега. Волку висок износ на финансиски средства наменети за компаниите никогаш претходно од основањето на државата не бил направен.
Драго ми е што нашите мерки за домашните компании во Ковид кризата, како и по неа покажаа резултати. И покрај сомневањата, сепак успеавме да се издигнеме над предизвиците, да обезбедиме помош за најранливите категории на граѓани, меѓутоа и да обезбедиме финансиска помош компаниите кои работеа за време на кризата и да можат да инвестираат и да ги задржат работните места и работниците да добиваат редовно плати“, истакна Ковачевски.