Пишува: НИКИЦА КОРУБИН
Кога Орбан при посетата на Босна и Херцеговина, ќе каже дека”на ЕУ многу повеќе и е попотребен Балканот и Босна и Херцеговина, отколку обратно … треба да се приближи пристапот до фондовите, треба да се инвестира во сигурноста на Балканот и неговиот развој”‘ дали тоа ви звучи познато?
Дали можеби сте го слушнале деновиве кај нас, во видоизменета форма? Дали случајно еден поранешен претседател пред некој ден говореше за „пристапот до парите за земјите од Западен Балкан”, додека го чекаме (и правиме сè никогаш да не биде) членството во ЕУ? Или можеби ви звучи познато од секојдневниот „напад” на претседателот на една политичка партија, на општини раководени од градоначалници од истата партија, нормално „присвоени” од него лично и од бруталната партократија, за секакви измислици на тема „како до парите (и власта), без ЕУ”, спакувани во бесмислени кованици и неприменливи флоскули, со шмек на закана, како што се: „репреговарање на преговарачката рамка” или „по бугарски диктат”, или омилената „избори сега”?
За „парите без обврските“ во јасен уценувачки и заканувачки манир, константно говори и партнерот од Отворен Балкан, ама оваа убаво исткаена мрежа во регионот, не делува како случајност. Односно, би можеле да го лоцираме изворот на овие идеи, а тој сигурно не се партиските органи на кои редовно се повикуваат нашите партократски лидери, или пак некој академски ум. За жал, способноста за самостојно размислување, а уште помалку за носење одлуки, на било која влијателна структура кај нас, која поседува и демонстрира моќ; е некаде таму … во соседството. Каде што веројатно треба да го бараме и „идентитетот”, односно дозволата за истиот.
Но, што би било заедничкото за сите различни „пристапи”, а суштински исти во односот „реално зачленување во ЕУ, базирано на реформи” vis a vis „фиктивно преговарање за пари, без реформи, како безбедносен тампон”? Меѓу другото, тоа што после периодот на non paper-и и идеи што циркулираат во етерот, ама никогаш не добиваат форма, следи обид за нивно спроведување во дело. Тоа кај нас, локално означува период на делување „без ракавици”. За жал на оние кои мораа да се појават, да не кажам „разголат” на сцената. Deus ex machina.
Па, токму затоа без ракавици неколку хипотетички прашања:
– Колкумина, моќни и влијателни, безусловно се спремни на период на отворање на поглавјата за суштински и темелни реформи, до конечно зачленување во ЕУ, без лажната патриотска карта на „идентитетот”?
– Кој е тој „идентитет” за кој ни треба „параф” од парламенти на други држави, има ли некоја конечна дефиниција или треба конечно да се запечати наследената дефиниција?
– Колкумина, моќни и влијателни, реално веруваат дека „од ова држава не бидува” и колкумина активно, на наша и за наша сметка, работат на таа мантра, во руво на „Европејци”?
– Колкумина, моќни и влијателни, веруваат и работат на тоа (партнерски во регионални иницијативи), дека „Југославија не е мртва” и дека „оваа најдобра држава” треба да воскресне, во било кој облик, во било кое име, по „желба и нарачка”, на соседот кој нели „ништо не ни негира”?
– Колкумина, моќни и влијателни, имаат развиено висок степен на отворена и прикриена „албанофобија и бугарофобија”, и висок степен на слепа, поданичка „србофилија”, зачинето со благо присуство на „клетите Грци”? Голем дисбаланс, каде што треба да го бараме „идентитетот”, односно дефиницијата на истиот?
– Колкумина, моќни и влијателни, се спремни на независна и самостојна (ментално, политички и економски) држава Северна Македонија, одговорен партнер во НАТО и ЕУ, и одговорна кон сопствените граѓани?
– Колкумина, моќни и влијателни, оваа држава искрено ја сметаат за своја, со објективен и „базиран на факти” поглед во сопственото минато, во голема мерка креирано по нивен терк?
Ако, последното прашање е само по себе апсурдно, бидејќи е автодеструктивно за нашата „јавност” во која се кријат сите „моќни и влијателни” во државата, другите се основата на нашата моментална агонија „ЕУ не ни треба (освен за пари)”, во која илузијата на Орбан од почетокот на текстот, ја дава силата на константното „дисциплинирање и прозивање на ЕУ”, за „неправдата” кон нас, кој ете „сè сме дале, а тие нам ништо“ (освен опстанокот на државата и заробениот систем на привилегии), во монтипајтовски стил; каква што ни е ситуацијата сега: се смееш додека плачеш.
И тој „наследен и надграден систем” се распаѓа. И сè што гледате е одговорот на тој систем на државата Северна Македонија, членка на НАТО и ЕУ, сите итрини и будалаштини, сето купено време е обид за опструкција или обид за репозиционирање. Од најголеми југоносталгичари до најголеми реформатори. Кој прв до парите (и позициите). Најголеми патриоти, вчера комити, денес партизани, утре верници, секогаш граѓански активисти. Сè по потреба. Борци за секакви интереси и сопствени позиции.
Лошата вест е дека сите се инфилтрирани, без исклучок, „и власт и опозиција” и „владин и невладин сектор”, и „медиуми и експерти”, „академии, синдикати и комори”; сè што „на подарок ни го дале, да го чуваме времено како наш „идентитет”. Додека САНУ И СПЦ, не ни ја „дефинираат и обликуваат” иднината.
Добрата вест е што сè се гледа. Без ракавици. Лошо е и мачно, ама поучно. За сите оние кои сакаат да учат, за да продолжат понатаму. Кон ЕУ. Ама, како сопствена држава, а не држава заложник и држава жртва. Затоа што како може постоењето на државата да се нарече „жртва”? Или всушност не требаше воопшто да постоиме?