Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на општина Кривогаштани Николче Мискоски, го потпишаа договорот за реконструкција на локални улици во општина Кривогаштани, проект што се реализира преку Министерството за транспорт и врски.
Вкупните средства за реконструкција на локалните улици изнесува над 230 илјади евра, истите се обезбедени преку Владата на Република Северна Македонија за проектот “Поврзување со локaлни патишта во општините”
Реконструкцијата започнува следниот месец а градежните работи ќе завршат до крај на годината.
„Преку директни грант средства до општините овозможуваме подобри услови за живот на граѓаните и урбан развој на општините. Денеска со градоначалникот го потпишавме договорот за реконструкција на две улици во општината и сигурен сум дека со ова обезбедуваме огромен бенефит за граѓаните во Кривогаштани. Општина Кривогаштани преку овој проект на располагање има околу 570 илјади евра за рехабилитација на локалната патна мрежа. Како одговорна Влада со силно темпо продолжуваме со реализација на овој проект се со цел да им помогнеме и да го промениме ликот на општините,” истакна министерот Бочварски.
Преку проектот за рехабилитација на локалната патна мрежа во општините, до сега опфатени се преку 150 локални патишта во преку 60 општини во државата.
Министерството за транспорт и врски останува силен поддржувач на локалните самоуправи се со цел локален економски и урбан развој во општините во Република Северна Македонија.