Претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев денеска ги негираше обвинувањата од Министерството за правда за злоупотреби на АКМИС системот се повика на извештај на Министерството, во кој, рече, нема забелешки.
– Веќе еднаш изјавив и сега ќе кажам дека тоа е целосна невистина, не е таков податок каков што е. Министерството за правда, минатиот месец направи контрола во судот и на екипата од Министерството за правда која беше во овој суд во контрола на сите им се врачени решенија, посочени им се сите предмети од АКМИС системот и конечно имаме извештај од нив каде што нема никаква забелешка. Зошто министерот дава такви изјави, навистина не знам, изјави Манев.
Вчера Министерството за правда информираше дека и покрај укажувањата и писмените дописи за констатирани неправилности во работата на Основниот суд Куманово, Судскиот совет одолговлекува и не постапува по извештајот кој е изготвен од нивна страна и јавно објавен на веб-страницата на Советот, информираат од Министерството за правда. Од Министерството го повикуваат Судскиот совет да постапи согласно надлежностите, бидејќи, како што е објавен, неказнувањето на вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството.