Пратеникот на Движењето БЕСА, Бастри Бајрами во изјава за ТВ21 најави дека ќе работи заедно со Аријанит Хоџа, кој претходно најави дека се оградува од политиките на таканаречениот „опозициски блок“.
„Истото мислење го делам и со Аријанит Хоџа, деновиве ќе имаме јавен настап за да го елаборираме нашиот политички став“, изјави Бајрами.
Заменик претседателот на БЕСА, Аријанит Хоџа во објава на својот фејсбук-профил се огради од таканаречениот опозициски блок на Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.
„Почитувани активисти, поддржувачи, симпатизери и сите вие кои во овие години бевте сопатници на нашето политичко патување. Дозволете ми преку оваа објава да Ве информирам дека од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“ оценувајќи дека главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои недалеку од денес, беа токму актери за одржување на актуелната власт на Албанците и ја спречија ротацијата во таборот на Албанците. За деталите околу политичките убедувања и луѓето кои делат исто политичко мислење со мене, ќе Ве информираме преку јавен настап во текот на оваа недела“, напиша Хоџа на Фејсбук.