Директорот на Царинската управа Стефан Богоев денес оствари средба со француска делегација предводена од амбасадорот Сирил Бомгартнер и царинското аташе Кристоф Бержон задолжен за Југоисточна Европа и Западен Балкан.
На средбата директорот Богоев изрази благодарност за долгогодишната билатерална соработка со француските колеги кои во континуитет со нас ги споделуваат новините во царинското работење. Истакнати беа претстојните активности за спречување на нелегална трговија со наркотици и оружје, во рамки на проектот што се спроведува преку Глобалната програма за оружје, со поддршка на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против криминал и дрога. Посочени беа и приоритетните потреби и можностите за поддршка преку специјализирани обуки во доменот на царинското работење со цел подобрување на постапките за лабораториски испитувања, утврдување на царинската вредност и друго.
Директорот Богоев истакна дека во периодот што следи ќе работиме на зајакнување на соработката во областа на царинска контрола и разузнавање, од кои досега произлегоа големи придобивки и практична примена во секојдневното оперативно работење на нашата служба и дека остануваме посветени на достигнување на повисоки стандарди, поголема професионалност и унапредување на царинските постапки.