Во Собранието на Република Северна Македонија денеска Комисијата за европски прашања ќе ја продложи 59. седница на која преостаната точка на дневниот ред е Предлог законот за измена и дополнување на Законот за данок на добивка, во скратена постапка.
Како што стои во образложението, целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на добивка е усогласување со Директивата 2016/1164 на Советот на Европската Унија од 12 јули 2016 година за утврдување правила против практиките за избегнување данок кои директно влијаат врз функционирањето на внатрешниот пазар, како и препораките од Европската Комисија и од меѓународните финансиски институции.
Исто така, со предметниот закон се пропишуваат законски решенија кои придонесуваат за намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, проширување на даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка.
Предлог законот ги содржи следниве решенија: утврдување на третман на непризнат расход на целиот износ на трошоците по основ на уплатени премии за осигурување на живот на вработените, укинување на правото на намалување на пресметаниот данок за износот на донираните средства на спортски субјекти, укинување на обврската за задолжително поднесување на извештаите за трансферни цени, односно пропишување на обврска за доставување на истите само по барање на Управата за јавни приходи, пропишување на генерално правило против злоупотреба на аранжман или низа на аранжмани, чија главна цел или една од целите е користење на даночните поволности уредени со Законот за данокот на добивка и усогласување на текстот на законот со уставното име на државата.
Спроведувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, се посочува, ќе предизвика позитивни фискални импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија во износ од околу 518 милиони денари.
На истава седница поминаа Предлог законот за данок на солидарност и измените и дополнувањата на Законот за ДДВ, и двата по скратена постапка.