Следните неколку дена се очекува Брисел да ја испрати финансиската спогодба за ИПАРД 3 Програмата во која ќе биде точно наведен буџетот за земјава по години и мерки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николвски.
Веднаш потоа, како што нагласи, ќе биде објавен и првиот јавен повик со што и официјално први во регионот ќе почнеме со реализиација на новиот програмски период од ИПАРД 3.
Николовски потсети дека буџетот за ИПАРД 3 е 62 отсто поголем од ИПАРД 2.
-Во петокот од Брисел добивме официјално одобрување (акредитација) да продолжиме понатаму со четирите мерки во рамки на ИПАРД 3, кои претходно ги реализиравме во ИПАРД 2 програмата, без тешки административни процедури. Ова е уште една потврда дека без разлика на истрагите кои ги води ОЛАФ, Северна Македонија доби одобрување од Брисел да продолжи понатаму со истото темпо. Останува уште Брисел да ни ја испрати финансиската спогодба во која ќе биде точно наведен буџетот по години и мерки, која треба да ја потпише вицепремиерот Бојан Маричиќ и веднаш потоа ќе го објавиме првиот јавен повик за ИПАРД 3 програмата, со што и официјално први во регионот започнуваме со реализиација на новиот програмски период од ИПАРД 3, рече министерот пред доделувањето на договорите за поддршка на малите дестилерии.
Николовски информира дека последниот јавниот повик од ИПАРД 2 ќе биде објавен на 4 август.