Полицијата во Северна Ирска вчера ненамерно ги објави имињата и работните места на сите свои полицајци. Во соопштението од полицијата се изразува сериозна загриженост за вработените кои често се цел на екстремистички групи.
При одговор на барање согласно праксата за слобода на информирање, по грешка беа објавени и презимињата, иницијалите, работното место и одделот на секој од полицајците. Информациите беа јавно достапни на веб-страницата на барателот на информацијата околу два и пол часа пред полицијата на Северна Ирска да соопшти дека содржината е отстранета.
Во овој момент, нема ништо што укажува на непосредна загриженост за безбедноста на јавноста, истакна помошникот главен инспектор Крис Тод на прес-конференција.
Сепак, податоците на полицајците се особено чувствителни во Северна Ирска бидејќи многумина „вложуваат големи напори и прават се што можат за да го заштитат својот идентитет и нивната улога како полицајци“, се вели во соопштението на претставничкото тело на полициските сили, Полициската федерација на Северна Ирска .