Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета на Северна Македонија, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на барањето коментар за реакцијата на опозицијата пред посетата на Ескобар на Скопје.
– Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан, велат од Стејт департментот.
Ескобар денеска во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а предвиденое да има средби и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека „тоа што сега власта се обидува посетата на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата. Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“.
Мицкоски, исто така, рече дека посетата на Ескобар ја оценува како и секоја друга посета.