Пожар од големи размери од синоќа беснее на планината Шпираг кај Берат, а ветерот дополнително го проширува, изјави албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши.
Станува збор за планината каде во еден нејзин дел компанијата Шел врши испитувања, а премиерот Еди Рама деновиве изјави дека има големи количини на нафта и гас.
Во гаснењето на пожарот покрај противпожарни единици од повеќе градови, ангажирани се и припадници и возила на албанската армија, како и хеликоптер.
– Ситуацијата е тешка поради теренот, а во проширувањето на пожарот придонесуваат и ветерот и високите температури. Ќе сториме се да го зачуваме нашето национално богатство, напиша Пелеши на Фејсбук
И за овој пожар надлежните се сомневаат дека е подметнат.
До сега, како што објави министерот за внатрешни работи, Таулант Бала за предизвикување пожари во притвор се 23 лица кои „ќе ја добијат заслужената казна“.
Кривичниот законик на Албанија за намерно предизвикување пожар предвидува казна затвор во траење до 15 години, што зависи од предизвиканата материјална штета и други несакани последици.