„Досие Иднина“, македонски краткометражен игран филм во режија на Гоце Трајковски, ќе ја има својата интернационална премиера на 29. филмски фестивал во Нанси во Франција.
Филмот ќе биде прикажан во официјалната програма на фестивалот на 28 август со почеток од 20:45 часот.
Главните улоги ги толкуваат актерите Ана Стојановска, Ебру Мусли и Береда Решит. Сценариото е на Гоце Трајковски и Никола Кузелов, кинематографер е Душан Кардалевски, монтажер Михаил Димитров, сценограф Сашо Блажевски, а костимите се на Роза Трајчевска.Филмот е во продукција на „Слобода филм“ – Скопје.
Фестивалот во Нанси, кој годинава се одржува по 29-ти пат, е еден од водечките европски фестивали насочени кон промоција на младите автори и нивните краткометражни и документарни остварувања.