Дваесет електрични велосипеди, кои Општина Велес пред две години во септември 2021 година ги доби во рамките на проектот „Смарт езеро Младост“ со подршка од ЕУ, а се наменети за рекреација на посетителите кај велешко езеро веќе две години стојат неискористени во магацински простор на Јавното претпријатие „Парк спорт“. Ова јавно претпријатие кое треба да управува со нив, ги чека средствата во износ од милион денари колку што Советот на Општина Велес на седницата на 26 мај годинава одлучи да им даде за да вработат тројца вработени кои ќе управуваат и воедно ќе ги сервисираат велосипедите за изнајмување.
Но, летото помина и се уште Општина Велес не му ги префрли парите на ЈП „Парк спорт“ за да вработи тројца и проектот да започне да се реализира. Просториите наменети за велосипедите и за вработените на велешко езеро „Младост“ се уште стојат празни. Локалната власт со договор од 27 април 2022 ги предаде велосипедите на користење на ЈП „Парк спорт“.
Зоран Јанев, директор на ЈП „Парк спорт“ за МИА информира дека тие до Општина Велес доставиле план и програма за работење со електричните велосипеди, но без одобрената финансиска подршка од општината, електричните велосипеди не можат да бидат ставени во функција.
Потенцира дека, бидејќи две години така стојат во магацините, тие не се во функција и најпрво ќе треба да се сервисираат.
-Прво треба да ги провери мајстор и што недостасува да поправи, за да можат да бидат функционали. За тоа по велосипед ни се потребни уште по стотина евра затоа што и дел од сајлите и гумите им се искривени од стоење, појасни Јанев.
Тој реагира дека не работи и апликацијата со која преку џи-пи-ес ќе се контролираат кориснииците на велосипедите.
Инаку инвестицијата беше 2,7 милиони денари во која освен набавка на 20 –те електрични велосипеди, влегуваат и смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација преку која ќе се констролираат корисниците на велосипедите.
Јанев информира дека електричните велосипеди ќе профункционираат кога Општина Велес ќе им ги пушти одобрените милион денари, по што треба да распишат оглас и да вработат тројца согласно планот и програмата која ЈП „Парк спорт“ и ја достави на Општина Велес.