Девет патници се повредени кога во авион на Ер Чајна поради пожар на моторот влегол чад во кабината и поради тоа принудно слетал во Сингапур каде патниците се евакуирани, соопштено е утринава.
-Ербас А320 со 146 патници и девет членови на екипажот принудно слета вчера околу 16 часот и 15 минути, објави Аеродромската управа на Чанги на својата фејсбук-страница. Летот доаѓал од Ченгду во кинеската провинција Сечуан.
Девет лица се здобиле со полесни повреди поврзани со вдишување чад и рани за време на евакуацијата, се вели во соопштението.
Пилотот прогласил вонредна состојба кога пријавил чад во предниот дел на авионот и во тоалетот.
-Пожарот на левиот мотор бил изгаснат при слетувањето на авионот, јавуваат кинеските медиуми.
Прелиминарната истрага покажа дека причината е механички дефект на моторот, објави Ер Чајна рано утринава преку социјалните мрежи.
Истрагата за причините продолжува.