Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
За нашиот терасестеричен народ кој ужива во мочлестите пива додека челото му го оросуваат ситните капки од системите за ширење на бактерии и вируси по окупираните улици од кафеа и ресторани, животот во Европа или според стандардите на Европа, би бил вистинска тортура.
Тука нема менгелиња кои ќе ви турат во увото врел зејтин за да ја испитаат отпорноста на ушната мембрана кај безвредните народи, слушам дека ве плашеле со тоа, но има менгемиња на системот кои од 100 Македонци 99 ќе ги сомелат како ореви под копита.
Имаат пива со по 9,5 проценти алкохол.
Густи се и ароматизирани и не се пијат на големи и рафални голтки, како кај нас, туку како вино, полека, со мерка и со стил.
Колку века ќе му треба на еден Овчеполец да ги научи тие манири?
Сто, двеста, хахаха!
Иренчето би требала да оди со денови за да слика еден преполнет контејнер.
Па да напише: Долу влада!
Според нејзините стандарди тука нема потреба од избори.
Контејнерите и ѓубрето ја држат владата стабилна.
Воопшто, едно неподносливо темпо: луѓе, сообраќај, коли, точаци, трамваи, автобуси, подземна железница.
Смртноста од рак е нула отсто што значи дека јавноста нема да има што да јаде.
Не можеш да најдеш еден доктор убиец.
И, што е, можеби, најважно за нашиот зајак: многу различно обоени луѓе, различно облечени, со шамии, турбани и качкети, гологлави.
Дебела Сенегалка на касата во Карфур!
Што може во тоа шаренило и мноштво да прави Македонецот кого со омега три масните киселини во мајчиното млеко му е пренесено дека Албанците му се непријатели, Бугарите злотвори и Европа курва.
И организира селски референдуми против имигрантите.
Ќе им го нарушеле начинот на живот.
Јак живот и уште појак начин.
Хахаха!
Дописникот на Офаманаман од Брисел јавува: запишете се во младите или во женските сили на вмро-дпмне, во унијата на трансродовите комити и комитки, во секцијата на ЛГБТ комитлакот и уживајте во Македонија.
Каква Европа, какви бакрачи.
Особено бакрачи.