Макетата од ,,Монументот Илинден” на Јордан и Искра Грабулоски е изложена во Музејот на модерна уметност (MоMA) во Њујорк, како еден од врвните дострели и достигнувања на македонската, денес на светската архитектура, објави на Фејсбук градоначалникот на Крушево Томе Христоски.
Ова е уште една значајна промоција за историјата, културата, за нашето Крушево во меѓународни рамки, истакнува крушевскиот градоначалник.
„Монументот Илинден“ е посветен на сите борци и револуционери кои учествувале во Илинденското востание од 1903 година, како и војници-партизани од НОБ 1941-1944 година“, пишува во објавата Христоски.
Колекцијата во Музејот на модерна уметност (MоMA) во Њујорк опфаќа приближно 200.000 уметнички дела.
Оваа колекција вклучува слики, скулптури, цртежи, принтови, фотографии, медиуми и перформанс уметност, архитектонски модели и цртежи, дизајнерски предмети и филмови.
Дополнително, MoMA поседува околу два милиони филмски кадри.
Библиотеката и архивата на Музејот содржат извонредна количина на истражувачки материјал за модерната уметност, што го прави водечки светски ресурс во оваа област.
Секој кураторски оддел одржува студиски центар достапен за студенти, научници и истражувачи.
Библиотеката содржи над 320.000 предмети, како што се книги, периодични списанија, книги за уметници и обемни индивидуални датотеки на повеќе од 90,000 уметници.
Архивата на музејот содржи примарни извори поврзани со историјата на MoMA и модерната и современата уметност.
МоМА одржува активен распоред на изложби, презентирајќи ја модерната и современата уметност во различни теми, медиуми и периоди.
Ј. Ѓ.