„Ова ќе го кажам првпат за вашата редакција, во нашево интервју. Во моментот го доекипираме тимот во секторот за посебни истражни мерки којшто подразбира следење на комуникации и физичко следење. Нормално е и логично е, царинската управа го има тоа како законска надлежност и можност. Дури имаме и опрема уште од пред неколку години, којашто не е ставена во фунција. Жално е во 2023 година, да не ги користите сите технолошки средства коишто ви се располагање. Светот е отиден во технологијата напред, зошто да не се применат тие средства и во борбата против корупција“, потенцираше Стефан Богоев директор на Царинската управа на интервју за Фронтлајн.
Тој додаде дека се во редовна комуникација и со меѓународни партнери и пријатели за евентуална набавка на боди камери коишто се камери на униформите на царинските службеници и смета дека ставањето во функција на секторот за посебни истражни мерки, бодикамерите и оние системи на паметни камери, коишто сега се во завршна фаза набавка преку Светска банка, многу ќе помогнат во борбата против организираниот криминал, шверцот и корупцијата, особено на граничните премини.
„Криминалците ги користат сите технолошки средства за да ве измамат и да ги избегнат законите, зошто и вие да не ги користите сите технолошки средства да ги спречите во таа намера“, заклучи Богоев.
Во однос на прашањето зошто одредени технички можности не биле ставени во функција од страна на претходниците, Богоев рече дека најверојатно одговорот треба да побара кај нив, бидејќи има одделение за разузнавање коешто фунционира, меѓутоа тука станува збор за алатки, апаартура и опрема којашто ќе заврши поголема работа од она што го има досега.