Американските власти синоќа објавија обвиненија и санкции против 14 поединци и 14 компании од Кина и Канада во врска со увозот на фентанил во САД. Тоа е една од најголемите акции што ги презема американската администрација против илегалната трговија со оваа смртоносна дрога.
„Тука сме да испратиме порака во име на Владата на САД. Знаеме кој е одговорен за труењето на Американците со фентанил. Знаеме дека овој глобален синџир на снабдување со фентанил, што резултира со смрт на Американците, често започнува со хемиски компании во Кина“, им изјави на новинарите американскиот министер за правда Мерик Гарланд.
Американското Министерство за финансии соопшти во соопштение дека вовело санкции против 28 поединци и субјекти вклучени во меѓународната трговија со нелегални дроги, вклучително и голема мрежа со седиште во Кина.