Во кино салите на „Синеплекс“ во Скопје утревечер премиерно ќе се прикажува филмот „М“ на Вардан Тозија. По премиерната проекција, публиката ќе може да го погледне филмот во кино салите во Скопје и во останатите градови низ државата.
Станува збор за дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила.
-Од колку слоеви и да е изградена приказната, темата е секогаш базична. Секогаш постои мал зрак светлина што не’ води низ најмрачните лавиринти. Никогаш не е доцна да се обидеме да го вратиме светот кој дозволивме да ни се уништи. Од 5-ти октомври, филмот ќе се прикажува во сите кина кои се на располагање на домашната публика. За жал, ги нема многу, изјави Тозија.
Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.
Актерската екипа која ја сочинуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.
Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.
Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020.