„Оваа Влада, од почеток на овој инструмент, заедно со новите 35 милиони евра за оваа година, ќе
стигне до заокружени 100 милиони евра со кои ве поддржува вас, домашните компании. Но, покрај бројките, со последните измени во 2021 кој предвидува процентуално повисока поддршка во помалку развиените региони, горди сме и што на дело покажавме дека рамномерниот регионален развој не е само празна фраза повторувана од политичари. Тоа го покажуваат бројките со кои измеривме зголемено инвестирање надвор од Скопскиот плански регион“, истакна Вицепремиерот за економски прашања во обраќањето на Инфо сесијата посветена на стопанствениците „Довербата расте“.
Тој додаде дека ако во 2018 година вкупната поддршка во Скопскиот регион изнесувала 45%, во последнава таа е 32%, што значи дека поголемиот процент на поддршка отпаѓа на другите региони.
„Во 2018 во Скопскиот регион се исплатени 85 милиони денари финансиска поддршка, во последната 2022 година се исплатени 456 милиони денари. Тоа е зголемена финансиска поддршка за 5 пати“, потенцираше Битиќи.
Тој додаде дека поддршката во останатите помалку развиени региони, се зголемува за 9 пати, или од 105 милиони денари, на 953 милиони денари поддршка, за истиот период. Имајќи предвид дека овие измени се донесени пред само две години, Битиќи заклучи дека очекува овој позитивен тренд на зголемување на развојот на регионите низ цела држава, да продолжи.