Германскиот канцелар Олаф Шолц синоќа ги повика своите сонародници да покажат солидарност со еврејското население во Германија и да ја гарантираат нивната безбедност, осудувајќи ги ексцесите за време на пропалестинските собири.
– Барам поддршка од сите граѓани за заедно да ја гарантираме безбедноста на нашите еврејски сограѓани и за тоа мора да се солидаризираме со нив, изјави германскиот лидер за телевизискиот канал АРД.
Прославата на членовите на арапската заедница во германските градови по нападот на Хамас во Израел предизвика гнев во германското општество и повици за забрана на организациите на кои им се припишува блискост со терористичката организација Хамас.
Пропалестинската организација Самидун во саботата организираше прослава во берлинскиот кварт Нојкоелн по нападот на Хамас на израелска територија. Во таа област живеат голем број членови на арапската заедница.
Полицијата во понеделникот го забрани протестот најавен за вчера со 250 учесници, со образложение дека постои опасност од нарушување на јавниот ред и мир. И покрај тоа синоќа во населбата Нојкоелн се собраа околу сто луѓе во знак на поддршка на Палестинците.
– Не можеме да го прифатиме тоа, истакна Шолц, во врска со антисемитските пораки што се слушаа на пропалестинските демонстрации.
Весникот Билд синоќа јави и за инциденти на произраелските демонстрации во Кемниц на истокот на Германија, кои ги предизвикале пропалестински демонстранти.
Германија од викендот ја зајакна заштитата на еврејските институции во земјата.