Израелските одбранбени сили соопштија дека најмалку 1.200 Израелци биле убиени во нападите на палестинската милитантна група Хамас врз Израел. Покрај тоа, повеќе од 2.700 луѓе биле повредени.
Од друга страна, палестинското Министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати Палестинци во офанзивата на израелските сили на Појасот Газа е зголемен на 1.200, додека околу 5.600 лица се повредени.
Повеќе од 338.000 лица се принудени да ги напуштат своите домови во Појасот Газа, што е под опсада и гранатирање на израелската армија, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања, цитирана од француските медиуми.
Бројот на раселени лица во оваа густо населена област до синоќа се зголеми за уште 75.000 луѓе, достигнувајќи 338.934 лица“, се наведува во денешното соопштение на канцеларијата на ОН.
Израелската војска продолжува да го бомбардира Појасот Газа како одговор на координираните напади на исламистичката група Хамас. Израелските одбранбени сили (ИДФ) на каналот Телеграм објавија дека е во тек голем напад врз цели поврзани со Хамас во Појасот Газа, јави ДПА.
Израел собра околу 300 илјади резервни војници и оклопни возила на границата со Појасот Газа.