Хамас ги повика луѓето насекаде – особено во земјите кои имаат граници со Израел – да го поддржат народот на Газа, истовремено повикувајќи ги палестинските жители да останат на место и да се спротивстават на израелската воена наредба за евакуација на северниот дел на Појасот Газа.
– Им кажуваме на луѓето од северна Газа и од градот Газа, останете во вашите домови и места. Со извршувањето на масакрите врз цивилите, окупацијата сака уште еднаш да не измести од нашата земја. Евакуацијата како во 1948 година нема да се случи. Ќе умреме и нема да заминеме“, рече Ејад Ал-Бозом, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Хамас.
Западни медиуми јавија дека тој се обратил на прес-конференција одржана во болницата Шифа во градот Газа.
Аналитичарот од Газа, Талал Окал, ја опиша израелската наредба за евакуација како „обид да се потисне палестинскиот народ од Газа во Накба“.
„Како што направија во 1948 година кога ги потиснаа луѓето од историската Палестина со фрлање експлозив врз нивните глави, денес Израел го повторува тоа пред очите на светот и пред камерите во живо“, рече тој, пренесе Гардијан.