Анкетната комисија што ја формираше Собранието за утврдување одговорност за скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска ќе продолжи со работа со сослушување сведоци и експерти, како и разгледување акти и документи.
На вчерашната седница на Комисијата беа сослушани поранешниот и актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, односно Фатмир Меџити.
Претходно на сослушување пред Анкетната комисија беа и претходниот министер за здравство, Беким Сали, како и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Анкетната комисија за случајот со Клиниката за радиотерапија и онкологија беше формирана на 29 септември откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка за овој случај по медиумските објави за наводни злоупотреби на работната позиција и нерегуларности поврзани со третманот на пациентите од оваа клиника.