Граничниот премин Рафа меѓу Египет и Појасот Газа денеска беше отворен за испорака на хуманитарна помош за палестинската енклава, блокирана по нападот на Хамас врз Израел, објавија странските агенции.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави отворањето на граничниот премин од Египет кон Газа, за камиони со хуманитарна помош за палестинската енклава и изјави дека тоа ќе биде „важен прв чекор што ќе го олесни страдањето на невините луѓе“.
„Го поздравувам отворањето на граничниот премин Рафа кон Газа за хуманитарна помош. Ова е важен прв чекор што ќе го олесни страдањето на невините луѓе. Им благодарам на сите што го овозможија тоа“, напиша Фон дер Лајен на платформата Икс.
Камиони со хуманитарна помош кои со денови чекаа на египетскиот премин кон Газа почнаа денеска да влегуваат на таа територија, на 15-тиот ден од војната меѓу Израел и палестинската управа Хамас, која е на власт таму.
Претходно, американската амбасада во Израел соопшти дека граничниот премин Рафа ќе биде отворен за странци кои сакаат да го напуштат Појасот Газа.
Извор: МИА