Стотици полицајци денеска го пребаруваат градот Левистон и околните области во американската сојузна држава Мејн, во потрага по маж осомничен дека убил меѓу 16 и 22 лица и ранил десетици од нив на две локации во средата, јавија американските медиуми.
Властите објавија дека има повеќе жртви, но засега не даваат конкретни бројки.
Полицијата го идентификуваше осомничениот за пукањето како Роберт Р. Кард (40), откако претходно објави фотографии на Фејсбук од човекот кој држи нешто што изгледаше како полуавтоматска пушка.
На прес-конференција синоќа, комесарот за јавна безбедност на Мејн рече дека полицијата не може да го потврди точниот број на жртви бидејќи ситуацијата се уште „е во тек“, но полициски извор за Фокс њуз изјави дека 22 лица загинале.
Во средата вечерта, полицијата во Лустон го идентификуваше Роберт Р. Кард од Боудоин, Мејн, како „лице од безбедносен интерес“. Според полицијата, Кард е инструктор за стрелање. Дел од американските медиуми објавија дека тој е и припадник на резервниот состав на американската армија. Тој исто така се заканувал дека ќе пука во база на Националната гарда.
Надлежните соопштија дека се работи за лице за кое има сомневање дека е „вооружено и опасно“. Полициската управа во Левистон претходно објави три фотографии од осомничениот на кои се гледа нешто што изгледа како полуавтоматска пушка, заедно со фотографија од бел теренец и побара помош од јавноста за идентификување на осомничениот.
Кард, наводно, неодамна имал психички проблеми поради што бил во болница ова лето.
Од полицијата потврдија дека инцидентите се случиле на две локации, во ресторан и во куглана. Тие два објекти се оддалечени околу 6,5 километри. Во 20 часот, полицијата на Мејн на Фејсбук објави дека имало пукање во Левистон, град со 36.000 жители, околу 90 километри северно од Портланд, најголемиот град во американската сојузна држава.
Од локалната болница соопштија дека во тек е интервенција поради „голем број жртви во масовен напад“ и дека не можат да дадат информации за бројот на жртвите.
Гувернерката на Мејн, Џенет Милс на платформата Твитер објави дека била известена за инцидентот и ги повика жителите да ги следат полициските упатства.
Јавните училишта во Левистон објавија дека наставата денеска е откажана поради инцидентот.
Американскиот претседател Џо Бајден е информиран за инцидентот и ќе продолжи да биде информиран, изјави официјален Вашингтон. „Бајден телефонски разговараше со гувернерката Милс, сенаторите Ангус Кинг и Сузан Колинс и конгресменот Џаред Голден за пукањето во Левистон и понуди целосна федерална поддршка по нападот“, соопшти Белата куќа.