Министерот за заедници и враќање на Косово, Ненад Рашиќ ја обвини партијата Српската листа (СЛ), тврдејќи дека таа им нанела само штети на српските граѓани на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во интервју за РТВ Дукаѓини, Рашиќ ја нарече СЛ, која е најголема партија на косовските Срби, „антисрпска листа“, додавајќи дека една третина од Србите го напуштиле Косово поради нив.
-Јас сум помек кога зборувам со вас, додека во српските медиуми велам дека се антисрпска листа, затоа што во минатите 11 години направија повеќе штета од кој било друг орган, а тоа продолжува. Една третина од Србите се иселија (од Косово) поради нив, рече единствениот министер од редовбите на српската заедница во владата на Албин Курти.
Во врска со неодамнешните промени во раководството на Српската листа, Рашиќ вели дека некои имиња се сменети, но менталитетот останал ист.
– Трагикомично е со каква ароганција се казнуваат српските граѓани во Косово, со користење на истата методологија, со иста слика на (претсеадтелот на Србија, Александар) Вучиќ, само со менување на некои имиња кои ништо не значат, методологијата е иста, рече тој.
Според Рашиќ, новиот претседател на оваа партија, Златан Елек можеби е малку поинаков и има надеж дека подобро ќе се однесува со граѓаните.
– Променети се само имињата, имам само една надеж дека Елек е доктор, се надевам дека ќе ја памети Хипократовата заклетва, дека мора да се однесува подеднакво со сите луѓе. Ако има некаков оптимистички елемент, се надевам дека Елек ќе биде поголем маж, а не како досега како (Горан) Ракиќ. Тие (старото раководство) се покажаа дека работат против интересите на граѓаните, рече Рашиќ.