Конвој со медицински материјали стигна до болницата Дар ал-Шифа во Појасот Газа, соопштија ОН и Светската здравствена организација (СЗО).
– Ова е само втора достава на материјали за спасување на животите во болницата откако почна ескалацијата на непријателствата и целосната опсада на Газа, соопштија агенцијата за палестинските бегалци УНРВА и СЗО.
Иако испорачаните количини се добредојдени, тие воопшто не се доволни за да се задоволи огромната побарувачка во Појасот Газа, пренесе ДПА.
– Медицинските состојби во Ал-Шифа, најголемата болница во Појасот Газа и една од најстарите палестински здравствени институции, се катастрофални, се вели во заедничката изјава.
Болницата пука во шевови. Итната помош и одделенијата се преполни. Бројот на ранети се зголемува од час во час, додека пациентите трпат непотребни болки бидејќи лековите и анестетиците се при крај. Покрај тоа, десетици илјади раселени луѓе побараа засолниште на паркинзите и дворовите на болницата, се истакнува во документот.
Медицинските установи се без залихи и гориво. УНРВА и СЗО го повторија повикот за испорака на гориво до хуманитарните организации во Појасот Газа.
– Без гориво, болниците и другите основни објекти, како што се постројките за десалинизација и пекарите, не можат да работат, а повеќе луѓе сигурно ќе умрат како резултат на тоа, нагласуваат организациите.
Израел не дозволува гориво во појасот поради стравувањата дека може да го користат милитантите.