Германија дава дополнителни 38 милиони евра за хуманитарна помош на палестинските територии во контекст на страдањата на цивилното население во Појасот Газа во конфликтот меѓу Израел и палестинското исламистичко движење „Хамас“, соопшти германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Таа ја даде изјавата вчера за време на нејзините разговори со премиерот на палестинската самоуправа Мохамед Штаје во градот Рамала на Западниот Брег. Така, вкупната парична вредност на хуманитарната помош што Германија ја дава за палестинските територии изнесува 160 милиони евра, посочува ДПА.
– Животот на секој човек е подеднакво вреден. Секој Израелец и секој Палестинец имаат право да живеат во мир и безбедност, рече Бербок.
По завршувањето на разговорите, Штаје од своја страна ја повика Германија да заземе појасен став против војната во Појасот Газа. Палестинскиот премиер рече дека – Германија мора да ја разјасни својата позиција за воените злосторства на Израел во Газа, што е во духот на меѓународното хуманитарно право. Со тоа што не сакате војната да заврши и му помагате на Израел со оружје, вие го охрабрувате да продолжи да ги напаѓа луѓето од Појасот Газа, рече Штаје.
Бербок синоќа во Тел Авив се сретна и со израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен. По разговорите со него, таа се повика на меѓународното хуманитарно право поради влошената ситуација во болниците во Појасот Газа.
„Меѓународното хуманитарно право ги признава цивилните жртви. Сепак, тоа дава јасни насоки и за заштитата на цивилното население и за разликата меѓу цивилните и воените цели“, рече германската министерка, додавајќи дека безбедноста на државата зависи од тоа како Израел дејствува во енклавата во долгорочна иднина. Нејзино цврсто мислење е дека хуманитарната криза во Газа мора да се стави под контрола.
Од своја страна, Коен укажа на потребата од меѓународен фронт за ослободување на 293-те заложници кои ги држи Хамас. „Ќе се бориме против борците на Хамас додека не бидеме сигурни дека тие повеќе не се закана“, рече министерот за надворешни работи на Израел.
Извор: МИА