„Ми причинува големо задоволство што и британската публика имаше можност да го проследи наградуваниот македонски документарен филм „Медена земја“, што се прикажа на Филмскиот фестивал за жени над 50 години во Лондон, (односно, WOFF) во црквата Сент Мери. За планираната проекција на филмот дискутирав со директорката на овој престижен лондонски фестивал Нула О’ Саливен, при мојата неодамнешна посета на Велика Британија, која ме информираше дека фестивалот има за цел да ги афирмира повозрасните жени на екранот и зад камерите“, во објава на Фејсбук вели министерката за култура Бисера костадиновска Стојчевска.
Жените во филмската кинематографија се силен глас кој ја истакнува културата на секоја држава, нагласува Костадиновска Стојчевска.
„Со прикажувањето на ова филмско остварување, се афирмираше македонскиот филм и женскиот бран во македноската кинематографија, а протагонистката Атиџе испрати моќна порака од која е преточена длабоката мудрост за балансираниот пристап на човекот кон природата и за зачувување на биодиверзитетот. На фестивалот се потенцираше и тематиката која е поврзана со екологијата и предизвиците со кои се соочува планетата земја, прикажани преку дејствијата на жените над 50 години, кои се силни, храбри и инспирација за целиот свет“, истакнува министерката за култура.
Филмскиот фестивалот за жени над 50 години е поддржан и од Македонската амбасада во Лондон, а по проекцијата на „Медена земја“ следеше панел дискусија на која учество зеде и Билјана Глигорова, вршител на работи во македонската амбасада во Лондон.