Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Каде умираат птиците?
И каде им се гробиштата?
Каде е нивниот Бутел?
Или Пер Лешез?
Толку многу птици, еве на сликава се гулабите пред пазарот во Бисер, а никаде не сум сретнал мртва птица или погребна церемонија: птици да носат ковчег на мртва пријателка додека напред оди погребниот оркестар на чавките!
Ретко, многу ретко ќе налетам на некоја со скршено крило, со сачма во коските, или со гриз на некоја мачка, мртва или на умирање.
Некои викаат дека птиците умираат по таваните. Пеејќи! Хахаха! Но кога еден комшија беше решил да го исчисти покривот на својот стан, исфрли не знам колку килограми, можеби цел тон птичји измет, но мртви птици немаше.
Еве, тргнете пешки од Скопје до Гевгелија, ако не ве блокира вмро-дпмне, нема да сретнете ниту една мртва птица. Јас сум одел преку ливади, реки, планини, долови и ридови, пустелии и насади со пченка и грав, и никаде не сум сретнал мртво пиле.
Можеби птиците не умираат.
Ненасилно, односно ако некој не ги убие.
Во тој случај ние Македонците би биле птици со лоша среќа.
Хахаха!
И Гомбрович си го поставуваше оваа прашање додека се запознаваше со природните убавини на Аргентина.
Можеби од птиците можеме да научиме на која станица можеме да одлетаме од овој свет без да го оптоваруваме со своите земни останки.
Верувам дека во вмро-дпмне имаат одговор на оваа прашање: откако се спасивме од идентитетската смрт во Европа, кон физичката можеме да одлетаме од вмродромот во Сопиште, контингентно, илјада по илјада. До последниот Македонец кој пред да ја изгаси сијалицата ќе остави во камен врежана порака: ние решивме да умреме како птиците, без траги за нашиот живот и за нашата смрт, затоа што заклучивме дека само така можеме да оцелееме. Само вмро знае кај се мртвите Македонци, но договорот е да не кажува на никого. До 21 часот на денот на изборите. Не сме под земја, не сме на небото, не сме во историјата, не сме во иднината.
Добра тема сме за некој квиз.
Која мртва особа е Македонец по националност:
Особа а
Особа б
Особа ц
Повелете, микрофонот е ваш!