Израел го засили бомбардирањето на Појасот Газа синоќа, при што загинаа најмалку 40 луѓе, соопштија Палестинците, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека заложниците може да се ослободат само со интензивен воен притисок врз Хамас, пренесува Ројтерс.
Паралелно со бомбардирањата, долж целата енклава се водат жестоки борби, а комуникациите се уништени четврти ден по ред, што го отежнува пристапот до повредените, велат жителите и милитантите.
„Прекинот на комуникациите во Газа е најдолг од почетокот на израелската ескалација“, објави палестинската Црвена полумесечина на социјалната мрежа X.
Високи израелски и катарски претставници, наводно, се состанале во Норвешка во последните денови за да разговараат за размена на преостанатите заложници киднапирани од Хамас за палестински затвореници во израелските затвори. Но, Хамас денеска објави дека нема да влезе во преговори за натамошна размена на затвореници без прекин на израелската воена акција во Газа.
Нема знаци на компромис, а насилството е се посилно.
Цел на нападот е, меѓу другото, бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа.
Во напад на една семејна куќа загинаа 24 лица, а десетици се повредени, јави радиото Хамас Акса, цитирајќи го шефот на Министерството за здравство.
Дванаесет Палестинци беа убиени, а десетици повредени во Деир ал Балах, во централниот дел на енклавата, а најмалку четири лица беа убиени во Рафах на југ.
Според палестинските здравствени власти, речиси 19.000 Палестинци досега загинале, а илјадници други останале под урнатините.
Израелската армија денеска соопшти дека 121 израелски војник се убиени од почетокот на копнената офанзива на Појасот Газа на 27 октомври.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху прочита денеска писмо, на неделниот состанок на неговиот кабинет, за кое тврди дека е напишано од членови на семејствата на загинатите војници.
„Имате мандат да се борите. Немате мандат да застанете на половина пат“, ја цитира Нетанјаху пораката од писмото во која се вели: „Ќе се бориме до крај“.
Бројот на загинати израелски војници е веќе двојно поголем од бројот на загинати во копнената офанзива во 2014 година.
Г. Т.