Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Бродски вели дека во првите шест години во Америка отапел.
„Не сум повеќе суптилен колку што бев во Русија. Тоа е американската непосредност. Тука сите се позитивни… луѓето се обидуваат да бидат од помош, љубезни се, сакаат да пружат поддршка, објаснуваат, сакаат да ги разјаснат работите…“
Така ѝ зборел на Сузан Сонтаг, објаснувајќи ги своите проблеми во создавањето на песна која ќе биде подобра, не од најдобрите песни на Мендељштам, својот стар идол, туку од врвните дела на Еугенио Монтале.
Се прашувам: какви впечатоци и ментални последици би доживеал Бродски, ако при новото раѓање, Исус ќе го крене од мртвите и ќе го прати на шест години во Македонија.
Ако непосредноста, позитивноста, љубезноста, солидарноста на Американците го отапиле, што може да му направат веќе отапените македонските граѓани?
Можеби ќе го кренат.
Можеби ќе му ја вратат суптилноста од руските затвори.
Кога ќе чуе дека повеќето Македонци мислат за Македонија полошо отколку што Шнајдер и Солжењицин мислеле за Советскиот сојуз на Соловецките острови и во другите сибирски гулази.
Или Кишовиот Борис Давидович Новски пред да скокне во стопеното железо во една сибирска топилница.
Нема да може да не забележи дека тоа што за Борис Давидович бил инспекторот Федјукин, за Македонците се телевизиите, социјалните мрежи, интелектуалната елита минус дваесет или триесет отсто и, се разбира, вмро. Тие ментално го тероризираат Македонецот и го доведуваат во состојба да скокне во некоја од високите печки на Мин Чо или да ја одерат Македонија на живо како творот што еден друг јунак на Киш, Миксат Хантеску Микша, го одрал ноќниот гостин во кокошарникот на својот работодавач-шнајдер.
Односно дека перцепцијата во која е заробен Македонецот е различна од стварноста. Која не е лесна, но во однос на самопретставата која е исполнета со бес кој се претвора во омраза и се заканува да експлодира, е убавина во која би била спремна да се насели пола Русија и американскиот среден исток, со се градската сиромаштија во Минеаполис.
Бродски би бил спремен да ја отфрли тезата дека Македонците ја пумпаат својата несреќа, но сигурно е дека при сркањето на првото кафе во Ист гејт, или при обиколката на Скопје 2014, би ѝ дал сериозна медицинска дијагноза и би забележал дека во топлината и бескрајниот комфор на социјалните мрежи, се претставуваат себе како творовите на Микша додека во непосредните контакти се поблаги и поразумни во критиката на своето постоење.
Во „Голден роуз“ на Аеродром ми рече: Тричко, вие сте како патници во прва класа на „Катар ервејз“ кои не се задоволни од менито без ќебапите на Дестан, особено од француското вино, Шато сервукер, берба 1987 и се закануваат дека ќе скокнат од авионот, ако екипажот не го пушти Хер Флик да го спушти малку авионот над Кичево за да ги поздрави своите родители и фризерот што му прави Рок а Били фризура кога оди во лов на женски.
Чувствувам, ми рече, како ми се враќа суптилноста.
Што мислиш за ова парче од мојата нова Монталска песна:
Срамежлив нихилизам
Некој вид немотивирана тага
Ублажена со чудни чувства
Географија на уживањето
Го знам тој Атлас
Од кој вмро ја исече Македонија
И ве пушти да летате
На волшебното килимче
На идентитетот
Ве гледам од празнината
Кога децата ќе го отворат атласот на мојата страница.
Мене ме гледаат како Македонија
А вас како летачко говно
Феноменално, нека не те лути, пред некој ден објавив нешто слично, но не волку потресително.
Да, господине Бродски, ние сме како говна што летаат на волшебното килимче на историјата.
Што мислите, дали треба да ги пуштиме Бугарите во Уставот?
Бугарите – да, но Американците – не, тие со својата финоќа ќе ви ја убијат суптилноста.
Но, ние не знаеме што е тоа суптилност.
Освен еден човек кој се вика Христијан Мицкоски кој е суптилен во најтешката форма-хаику: Македонијо, мајко мила, ако сакаш да те спасиме, мораме да те убиеме!
Феноменално, ова е Еугенио Монтале Христијаноту.
Никој што не ја знае вистинската историја на Македонија не може да знае зошто Македонија ја одби Европа.
Затоа што надвор од таа мочана историја нема причини.
Освен некои што би можеле да им ги препишеме на лудаците кои го освоија нашиот општествен дискурс.
Но лудаците се луди од историјата која е различна од стварната.
Затоа јас барам да ја отвориме историјата.
И да ја оставиме Украина и „шашмата“ што ѝ ја подготвува Европската унија (Пендаровски).
Ние сме шашма, господине претседателе, без оглед на оделото.
Нешто многу различно од Индијана Џонс кој ја лови златната топка или некоја друга фигура беше, Буда, што и да е.
Ние сме како глувци кои скокаат низ огнените обрачи гонети од митскиот камшик на вмро.
Не вмро-дпмне, туку вмро!
Во циркусот „Македрано“.
Нелуѓе кои својата човечност ја влечат како кометска опашка.
Во најбледи нијанси.
Нација која низ историјата сака да мине како куче низ роса.
Која го брка својот идентитет како глушец својата опашка.
Кога од она на што се надевавме не испадна ништо, живнавме.
Напишала Меријен Мур американска поетеса.
Така ќе биде и со Македонците.
Кога ќе видат дека од она на што се надевале не испаднало ништо.
Баш би сакал да ги видам живнати.
Сега, по одбивањето на Европа, можеме да се утепаме од живнување.
Знаете ли зошто пропаѓаат револуциите и зошто, всушност, никогаш не би требало да се креваат.
Затоа што по соборувањето на стариот режим нема доволно добри места за бунтовниците.