Пишува: ЗОРАН КАРДУЛА
Божиќ и еве ме пак со текстот за „Марципанот“ – за една традиција кој полека изумира, за убавината на едно време и секако Честит Божиќ на сите кои го слават!
Божиќ единствено ме потсеќа на именденот на татко ми и марципанот. Тие сеќавања до ден денес ми се свежи и ме потсеќаат на едно убаво време, време на моето најрано детство. Имендените во тоа време беа доста значајни и свечен чин. Припреми се правеа месец дена порано. Се чистеше од корен цела куќа, се менуваа килими и стазите за по скалите (имаше посебни килими и стази за именден) се ставаа нови драпери во салонот каде се чекаше именденот. Мебелот до перфекција исполиран. Сите домашни имавме нова гардероба, шиена месец дена порано и обавезно лаковани чевли. Мајка ми, тетка ми, стрина ми и сестрата на баба ми со фризури ден претходно направени кај тета Зорка ( фризерницата која беше карши нас). Слатките за именден направени 2 дена претходно тоа беше посебна приказна. Прекрасни и строго се знаеше кои слатки се прават за овој именден – марципанот (сè уште мој омилен колач) мораше да биде со осијечко млеко во прав и не знам точно кој путер се користеше, па бајадера, па ролат со рум и путер, па г’алињац па бомбиците.
Негде околу 5 саат сите спремни качени во салонот, осветлен и среден со столиците околу ѕидовите, на средина стоеше салонската маса со разни цигари и пепелари на неа и старите албуми со слики. Вратите од сите 6 спални отворени и сите наместени до перфекција и осветлени со столни ламби. На чело во салонот стоеше баба ми во црно облечена ( од 1939 година беше во црно кога почина дедо ми па се до нејзината смрт 1987 година) до неа тетка ми и од десната страна стоеја моите а од левата страна чичко ми со тетка ми. Братучетка ми Цули беше задолжена за послужување. Јас брат ми и братучед ми се мавтавме обично околу слатките и скришум си земавме и се криевме негде. памтам дека секогаш први гости ни беа чико ми Јанку и тетка ми Захарица
Кога доаѓаа гостите се поздравуваа со домаќините па седнуваа, прво се послужуваа со чоколади па потоа со таблата (послужавникот со слатки) и тоа изгледаше како уметничка инсталација. Прво се редеа на помал послужавник слатките со следниот распоред марципанот во триаголна форма, па бајадерата во правоаголна форма, елипсовидна форма на ролатот со путер и рум, па галињ’ац во чудна форма во зависност од кршените ореви и на крај бомбиците во форма на топка. Позади слатките во мали кристални чаши се ставаше ракија а позади нив исто така во кристални чаши се ставаше сок и вино. Се послужуваше по два пати. Гостите отприлика околу 10 минути остануваа и си одеа. Е така отприлика беше божиќ кај нас. А мирисот на марципанот е тој кој ме потсеќа на тоа време.
Внук ми Христаки денес има именден да му е честит а марципанот секако ќе го има, Ti multsã anj Hristaki Kardula
Сликата на Никола Мартиноски кој сето ова го долови перфекно на платно