Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Кога духот престанува да биде почетна позиција, погонска сила и контекст, тој престанува да биде и цел.
Никој не може вртејќи се околу полскиот нужник да стигне до Гугенхајм.
Дури и Македонецот.
Вмро-дпмне и Македонија што тие ја убиваат, се во таа шема во која духот испарува над огнот на злото и неговата монотоност.
Феномен што е банален по структурата и трагичен по последиците.
Поради таа монотонија квантитетот игра важна улога. Монотонијата има мобилизирачки капацитет, а квантитетот на хистеризираните, хипнотизираните или, просто, на оглупавените, му ја зголемува разорната моќ на злото.
За да остави трага за себе во светот злото мора да разорува.
Чувањето е незабележливо.
Повеќе ќе те споменуваат ако извадиш една цигла од Македонија отколку ако целата ја сочуваш.
Оттаму, острата поврзаност помеѓу колективното “мислење”, односно оглупавеноста во сите облици и губитокот на смисла и почитувањето на човекот.
Човекот е претворен во ништо.
Ако не ги сметаме бројките.
Дури може да се каже дека човекот не е само жртва на злото, туку дека го создава и му се потчинува.
Злото е без ограничувања и затоа е монотоно. Тоа ослободува. И затоа ги освојува слабите луѓе. А често и силните.
Злото кога се пренесува не се намалува туку се зголемува и тоа во тој од кој излегло. Така е и со преносот кој се изведува врз објектите.
Колку луѓе и објекти во Македонија се жртви на злото?
Односно колку се освоени од злото.
Кога сме во злото не го чувствуваме како зло туку како нужност или, дури, должност.
Тоа е состојбата во која се наоѓа голем дел од членството и симпатизерството на вмро.
Експанзијата на злото и повлекувањето на доброто, на невиноста и наивноста кои мислеа дека е зло да се тепаат со злото, ја оневозможува дефиницијата на општоста.
Односно, грешиме ако сакаме другите да нè сфатат додека уште самите себе не сме се разјасниле во сопствените очи.
Така сетираната заедница и сите нејзини припадници закономерно ќе завршат во пеколот.
Мислам дека и најдобрите врски со Господ тука нема да можат да ни помогнат.
( Вејл/Тричковски)