Американските и британските сили синоќа изведоа нови напади врз Хутите во Јемен, а претставниците на бунтовниците рекоа дека ќе продолжат да ги напаѓаат бродовите во Црвеното Море како поддршка на Палестинците во Газа.
Подземно складиште за оружје на Хутите и нивните локации за ракетно и воздушно набљудување беа цел напрецизни ноќните напади, се вели во заедничката изјава на американските и британските вооружени сили.
Вашингтон и Лондон гаѓаа цели на Хутите, се вели во соопштението потпишано од Канада, Австралија, Бахреин и Холандија, кои ја поддржуваат операцијата, но не учествуваат директно во неа.
Во нивната втора заедничка операција од почетокот на јануари, американската и британската војска извршија напади за „да го ослабат арсеналот што го користат Хутите за да ја загрозат светската трговија и животите на невините морнари“, се вели во соопштението.
„Нашата цел е секогаш да ги намалиме тензиите и да ја вратиме стабилноста во Црвеното Море“, се додава во соопштението, но сепак предупредува дека нема да се двоумат да ги „одбранат животите и слободното движење на трговските бродови на еден од најважните водни патишта во светот.
Британското Министерство за одбрана во одвоено соопштение информира дека четири борбени авиони Тајфун биле вклучени во нападите и дека целта била да се поткопаат воените способности на Хутите поддржани од Иран.
Целите вклучуваат ракетни системи и фрлачи, противвоздушни одбранбени системи, радари и складишта за оружје длабоко под земја, соопшти командата на американската војска за Блискиот Исток (Centcom) преку мрежата X.