Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, од Алијанса за Албанците, синоќа бил физички нападнат додека со семејството вечерал во еден познат тетовски ресторан. Настанот го потврди и полицијата.
„Вечерва во 19.40 часот во СВР-Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улица ‘Маршал Тито’ во Тетово Д.Н. бил физички нападнат од К.О. од Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа вчера од СВР-Тетово.
Настанот се случил веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во партиското седиште во Тетово. На прес-конференцијата присуствувал и Небиу, а веднаш по неа објавил и фотографија изразувајќи поддршка за Зијадин Села.
Небиу на социјалните мрежи после нападот сподели фотографија во друштво со поддржувачи и напиша: Може да ме убиете, но не можете да ме исплашите.
Како што објави ТВ Клан Македонија, нападот го извршил Кренар Османи кој е еден од поддржувачите на актуелниот претседател на партијата, Арбен Таравари. Веста за ТВ Клан Македонија ја потврдил самиот Дритон Небиу. „Да, веста е точна, ме нападна Кренар Османи“, кратко изјавил тој.