Во Струмица денеска беа испробани електричните возила „Кавалер“ за превоз на стари и изнемоштени лица низ печашките зони во градот. Веста ја објави градоначалникот на Костадин Костадинов на својот фејсбук профил, каде напиша дека е исполнето ветувањето дадено во октомври годинава и од денеска оваа нова бесплатна услуга се става во пробна функција.
Двете електрични возила почнаа да возат низ паркот, плоштадот и пешачките зони, а можат да ги користат сите граѓани. Предност имаат повозрасните и лицата со попреченост.
-Возењето е бесплатно и еколошко, воведено по примерот на Љубљана и е прво во државата. Мои сограѓани, користете го овој бенефит и уживајте во нашата убава Струмица, напиша Костадинов.
„Кавалерите“ достигнуваат брзина од 25 километри на час и се адаптирани само за пешачки зони. Возењето е бесплатно, а возилата ги управуваат возачи од новото општинско транспортно претпријатие.