Првиот вицепремиер Бојан Маричиќ, кој се наоѓа во посета на САД, како што објави на Фејсбук, остварил средба со македонската научна дијаспора во САД.
„Инспиративна средба со претставниците на македонската научна дијаспора во САД, успешни студенти, предавачи на универзитети, дел од нив кои веќе завршиле студии и имаат успешни бизниси, овде. Драго ми е што имавме можност да дискутираме за заедничките иницијативи за вмрежување на сегашните студенти низ САД, за можностите за македонските студенти тука, како и за тоа заеднички да работиме на подобрување на македонското образование“, наведува Маричиќ.
Тој нагласи дека „македонската дијаспора е особено важна за промоција на македонскиот идентитет и култура, а наша должност е да дадеме целосна поддршка за нашите надвор“.