На пример, на 6 март 2024 порталите Инфомакс и Нетпрес објавија идентичен наслов: „Захарова: Русија никогаш немала планови да нападне некого, вклучително и НАТО“. Во написите се цитира тврдењето на портпаролката на руското МНР Захарова: „Русија нема планови за напад, за директна или индиректна агресија или за ослободување конфликти со кој било: НАТО, Вашингтон, Украина или кој било друг. Ниту, пак, досега имала такви планови.“
Но, дали се вистинити тврдењата на Захарова? Пред инвазијата врз Украина во 2022, светските политичари и медиуми предупредуваа дека Русија планира да изврши инвазија. Но, тогаш Захарова и Москва ги оценуваа овие предупредувања како дезинформации. И тогаш, „демантите“ на Захарова се пренесуваа некритички во наши медиуми.
Агресијата врз Украина во февруари 2022, осудена со резолуција и од Генералното Собрание на ООН, докажа дека Западот не ширел „лажни вести“, „дезинформации“ и „хистерија“ за „измислена инвазија“ – како што лажно тврдеше руската пропаганда.
Затоа, медиумските содржини со тврдењата на Захарова дека Русија немала планови да нападне некого ги оценуваме како дезинформации. Медиумите не треба некритички да пренесуваат вакви изјави без проверка на фактите. Во спротивно, ризикуваат да станат канал за ширење на руски дезинформации и пропаганда.