Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со учесници од Програмата за истражување на младински и образовни политики во Младински образовен форум (МОФ).
Како што информира Кабинетот на претседателот, младите од Албанија, Србија и од Северна Македонија говореле за активностите и областите во кои ги насочуваат нивните капацитети во рамки на програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти, што Младинскиот образовен форум ја организира во партнерство со Центарот за наука и иновации за развој од Албанија и Младинската иницијатива за човекови права од Србија.
Соговорниците го информирале претседателот и за начинот на реализирање на програмата што се одвива во трите држави и опфаќа пет различни теми: регионална соработка, младинско учество, одлив на мозоци и образование, младинска невработеност и младинска акција кон двојната транзиција: дигитална и зелена.
Во контекст на потребата од креирање одржливи младински политики, претседателот Пендаровски го нагласил придонесот на младите со своето критичко размислување, како еден од клучните предуслови за демократизација и позитивни процеси во секое општество.
Посетителите имале можност да се запознаат и со начинот на функционирање на институцијата, претседателските активности и уставните надлежности. Тие ги разгледале и просториите во коишто се одвиваат работните и официјалните средби на претседателот, прес-конференциите, настаните и свеченостите, како и диптихот „Македонија – светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ дело на Глигор Чемерски.