Македонската велосипедистка Дуња Иванова од клубот ВК Енерџи, го освои првото место во женска категорија на Маратонот во планински велосипедизам кој овој викенд се одржа во Тирана, Албанија.
Во организација на Мотоциклистичката федерација на Република Албанија, овој викенд седумдесетина велосипедисти се натпреваруваа на ,,Зелената патека” во должина од 63км и висинско искачување од 1500м.
Низ суви и каменасти предели, диви шумски патеки и особено невообичаено, рута која за натпреварувачите не беше маркирана во ниту еден дел, предизвикот да се премине финиш линијата беше сериозен и неизвесен.
По принципот на хронометар, секој натпреварувач стартуваше одделно во поход кон своето најдоброто време притоа водејќи се единствено по ГПС навигација.
Иванова апсолутен победник во женската категорија и единаесетта во целокупниот пласман помеѓу сите натпреварувачи (мажи и жени) финишираше со време од 3 часа и 43 минути.
На Маратонот се натпреваруваше и Љубиша Кондев исто така од ВК Енерџи, како третопласиран во целокупната конкуренција на натпреварувачи со време од 3ч. и 8м.
Ј. Ѓ.