Премиерот Риши Сунак сака да го забрани пушењето во Обединетото Кралство. Пратениците ги поддржуваат плановите на владата за создавање „генерација без чад“ и намалување на бројот на смртни случаи поврзани со пушењето.
Што значи забраната за пушење?
Ограничувањата ќе се однесуваат на продажбата на цигари во ОК, а не на самиот чин на пушење. Според новиот закон, секоја година законската возраст за продажба на цигари, моментално 18 години, ќе се зголемува за една година. Тоа значи дека луѓето родени во или по 2009 година никогаш нема да можат на легален начин да купат цигари, што ќе доведе до ефективна забрана. Законот нема да влијае на оние кои сега смеат да купуваат цигари.
За да ја спречи продажбата на малолетни лица, владата вели дека ќе воведе казни од 100 фунти на лице место за продавниците во Англија и Велс кои продаваат тутун и пијалаци на малолетни лица. Локалните власти ќе ги задржат приходите за да ги реинвестираат во спроведувањето на законот. Висината на казните што судовите веќе можат да ги наметнат е 2.500 фунти.
Владата вели дека ќе потроши 30 милиони фунти за спроведување на планот, што ќе вклучува и справување со достапноста на цигарите на црниот пазар. Новите правила ќе важат во сите бесцарински продавници во Обединетото Кралство, но секој што купува цигари во странство ќе може да ги внесе во Обединетото Кралство доколку се легално купени на друго место. Владата има за цел да го имплементира новиот систем до 2027 година.
Колку е штетно пушењето и до колку смртни случаи доведува?
Цигарите испуштаат илјадници различни хемикалии кога согоруваат, вклучувајќи јаглерод моноксид, олово и амонијак. Многу компоненти на тутунот се отровни, а до 70 предизвикуваат рак. Пушењето е поврзано и со други сериозни болести, вклучувајќи болести на белите дробови, срцеви заболувања и мозочни удари. Тоа може да влијае на плодноста и бременоста.
Според владата, создавањето на „генерација без чад“ може да спречи повеќе од 470.000 случаи на срцеви заболувања, мозочен удар, рак на белите дробови и други болести до крајот на векот.
Извор: Би-Би-Си
М. Пешевска