Пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Секој изборен дебакл е последица на дебакл во времето на владеењето. Гласачкото тело на СДСМ на овие избори се подели на три дела. Кај Пендаровски, кај СДСМ и кај Максим.
Најлојалните, преку претседателскиот кандидат на партијата ѝ дадоа речиси 200 илјади гласови но да не заборавиме дека кандидатот постојано имаше повисок рејтинг од партијата па сепак гласовите за него вчера беа главно од корпусот на сдсмовските гласачи. Згора, некои, би ги нарекол „случки“ на власта, го срозаа изборниот рејтинг на СДСМ. Посебно партијата како да ги игнорираше реакциите за функционерските плати, за кривичниот законик, за европското знаменце, за проблемот со патните исправи.
Дополнително, гледано низ призмата на граѓаните ДУИ објективно беше камен околу вратот на СДСМ посебно на мистиката со темата Бехтел и Енка, па Соравија и внуците на лидерот на ДУИ дури и со бизарноста за па петардите во џипот и слични случки. Башка, рејтингот на судството, перцепцијата за корупцијата, последниот извештај на Стејт департментот за состојбите во земјава со човековите права и слично. Кумулативно, целата општа состојбата вчера се сруши и врз претседателскиот кандидат што СДСМ го подржува.
Тука, секако е и темата за уставните измени, товар што ова раководство на СДСМ го носи за време на целиот свој мандат, а дополнително медиумите, посебно највлијателните, националните телевизии, за цело тоа време, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, кампањски ја враќаа „гордоста на нацијата“ и сето главно врз грбот на СДСМ. Дека СДСМ секогаш самиот се поразува себе е доказ и феноменот Максим кој, да не речам националистичка но ајде национал романтичарска или како доминантно и кај ВМРО-ДПМНЕ, квази патриотска структура, вчера беше факторот кој дополнително или дури доминантно, сеедно, го порази СДСМ.
Епилогот, сепак, ќе го каже 8-ми мај но веќе е извесно дека СДСМ веројатно почнува да размислува па дури и да се подготвува за конгрес.
Па, нели, народот е во право и кога греши.