Кандидатите за претседател на државата, партиите и коалициите имаат уште пет дена за претставување на своите програми и политички понуди пред граѓаните, во пресрет на двојните избори на 8 мај. Кампањата за претседателските и за парламентарните избори завршува во понеделник, 6 мај, на полноќ.
Денеска, пак, е последен ден за објавување на резултати од анкети поврзани со учесниците во изборниот процес.
Двајцата кандидати за претседател синоќа се соочија на предизборен ТВ дуел, со спротивставени ставови за уставните измени, ЕУ интеграцијата, името, настаните во Собранието од 27 април, состојбата во судството…
– Ќе го почитувам, но нема да го употребувам – рече Силјановска-Давкова за тоа каков ќе биде нејзиниот став кон уставното име Северна Македонија како иден шеф на државата. Во дебатата со противкандидатот Стево Пендаровски кажа дека ќе употребува Македонија и дека на тој начин не прави конфузија.
Пендаровски, пак, ѝ реплицираше дека е невозможно да не го употребува уставното име од говорницата во Обединетите нации, во ЕУ, НАТО и други меѓународни институции и дека тоа ќе доведе до исфрлање на државава од Алијансата.
Кандидатите за претседател ги кажаа различните ставови и за уставните измени и за тоа дали преговорите со ЕУ се почнати или не. Според Пендаровски, тие почнале со одржувањето на првата меѓувладина конференција и рече дека не оди едно без друго Преговарачката рамка и промената на Уставот.
Силјановска-Давкова, пак, го праша Пендаровски како може да ветува промена на Уставот кога тоа не е негова надлежност туку него може да го сменат само гласовите на пратениците во Собранието и, како што рече, „како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати дека со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ“.
На прашањето која би била нејзината порака при прва средба со претседателот на Бугарија и со претставниците на Унијата, одговори дека ќе го потсети на Преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство, дека секој договор не е вечен и може да се смени и дека во Договорот „нема ниту еден збор за уставните измени“.
Пендаровски во врска со внесувањето на Бугарите во Уставот посочи дека е услов што треба да се помине за да продолжат преговорите кои, рече се блокирани поради ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска Давкова најави и дека како иден шеф на државата ќе го искористи механизмот на помилување на осудените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Нејзиниот противкандидат од СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски е против и смета дека амнестија за такво дело не треба да има. За него настаните од 27 април биле насилен чин, организиран од партијата која тогаш била на власт и обид за насилно уривање на уставниот поредок. Силјановска Давкова, пак, смета дека имало насилство и луѓето требало да бидат судени за тоа, но, како што наведе, далеку од умот и од правото е дека имало терористичко рушење на уставниот поредок.
Кампањата за парламентарните избори, пак, вчера беше во знакот на одбележувањето на 1 Мај и ветувања за подобар статус на работниците, но и со меѓупартиски пораки и обвинувања.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од Првомајскиот пикник во Градскиот парк во Скопје порача дека „враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт значи режим во најава, сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии, и ако се дозволи тоа, ќе ѝ се нанесе огромна штета на државата“. Тој ги повика граѓаните и сите прогресивни сили во земјата, кога ќе излезат на гласање на 8-ми мај да имаат предвид дека преголема моќ за десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ ќе претставува сериозна закана за иднината на земјата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во првомајската порака истакна дека денес работничките права се прекршени и погазени. Смета дека државата многу малку води грижа за тие кои создаваат и се р’бетот на економијата, за мобингот врз работниците многу ретко се зборува, но најголемиот проблем се платите кои ги изеде инфлацијата и не се доволни ниту за половина од потребната потрошувачка кошница.
Максим Димириевски од ЗНАМ од Пелинце го обвини раководството на СДСМ за ароганција, дека не ја прифатило подадената рака, за погазување на социјалдемократијата, илинденските и асномските левичарски вредности и принципи.
Од СДСМ му одговорија дека тој е човек-партија кој одработува против своите довчерашни сопартијци, за личен интерес. Го обвинија за договарање соработка со ВМРО-ДПМНЕ и поддршка на Гордана Силјановска Давкова.
Левица ја претстави својата програма пред Конфедерацијата на слободни синдикати. Тврдат дека се единствена партија на трудот, која даде поддршка на синдикалните протести и ги повикаа работниците да им дадат поддршка на претстојните избори. Партискиот лидер Димитар Апасиев очекува Левица двојно да го зголеми резултат од првиот круг на претседателските избори и да освои од 80 до 120 илјади гласови на парламентарните избори со проекција од осум до 12 пратеника зависно од излезноста. На следниот мандатар му порача дека основа за преговарање е Македонската платформа за национално единство.
Европскиот фронт најави дека ветингот ќе биде услов за новата влада. Според нив, без воспоставување ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата. Европски фронт инсистира и на примена на проверка на руското влијание и антидржавните служби за да се елиминира ризикот од дестабилизација и дезориентација на земјата од евро-американската ориентација.
Од Коалиција „Храбро за Македонија“, пак, предизборно ветија економски мерки со таргет цената на лебот да биде 20 денари, на млекото 30, а на зејтинот 40 денари, како и намалување на даноците, нулта стапка оданочување за иновациски, информатички и високо технолошки знаења.
Во меѓувреме течат активностите за спроведување на изборите на 8 мај. ДИК, според роковникот за изборните дејствија, вчера на овластено лице во МНР му го предаде гласачкиот материјал за гласање во ДКП-та. МНР, гласачкиот материјал на ДКП го доставува веднаш по приемот, а најдоцна до крајот не денов. Членовите на ИО во ДКП гласаат во ДИК три дена пред денот определен за одржување на изборите, односно на 4 мај (сабота).
На 30 април заврши пријавувањето за гласање на болните и немоќните лица, а до 4 мај на полноќ тоа треба да го сторат и избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор. Тие заедно со лицата кои се на издржување казна затвор или се во притвор, како и пријавените од дијаспората гласаат ден пред изборниот ден, на 7 мај.