Првичните резултати од денешните парламентарни избори што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница, покажуваат дека од обработени над 95 проценти од гласовите, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 411.023 (43,14%) или 59 мандати во новиот 120 член собраниски состав, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 145.329 (15,25%) – 19 пратеници, Европски фронт на ДУИ 133.210 (13,98%) – 18 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 103.649 (10,88%) – 13 мандати, Левица има 64.484 гласа (6,77%) – 6 пратеници, а Движење ЗНАМ – За наша Македонија 50.576 (5,31%) – 5 пратеници. Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаа под еден процент гласови.
Во првата Изборна единица Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има 73.200 гласови и би имала 10 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 24.312 гласа – 3 мандати, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ (21.041), коалицијата Европски фронт на ДУИ (20.026) и Левица (19.007) по 2 пратеника и Движење ЗНАМ – За наша Македонија еден пратеник.
Во Изборната единица 2, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со 58.716 гласа би имала 9 пратеници, коалицијата Европски фронт на ДУИ со 28.747 гласа четири мандати, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ има 24.237 гласа и 3 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со добиени 15.523 гласа ќе има 2 мандати, додека Левица (9.306) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (11.278) по еден пратеник.
Во третата Изборната единица, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со освоени 86.605 гласа би имала 14 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 29.320 гласа – 4 мандати, а Левица (12.080) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (8.444) по еден пратеник.
Во ИЕ 4, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со добиени 89.580 гласа би имала 13 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 38.359 гласа ќе има 5 мандати, додека Левица (11.439) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (7.750) по еден пратеник.
Во петтата изборна единица, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со добиени 66.076 гласа би имала 10 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 24.736 – 4 мандати, коалицијата Европски фронт на ДУИ со 24.163 гласа – 3 мандати, Левица (9.154), Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ (9.745) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (8.183) по еден пратеник.
Во ИЕ 6 коалицијата Европски фронт на ДУИ со освоени 51.173 гласа би имала девет мандати, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“со 45.020 гласа 7 пратеници, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со 20.642 гласа 3 пратеници и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 6.185 гласа еден пратеник.
Право на глас на парламентарните избори имаа 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список.
Се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората не се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.
Во Првата изборна единица има 313.183 гласачи, во Втората 321.087, во Третата 275.034, во Четвртата 278.721, во Петата 310.216 и во Шестата изборна единица 317.109 гласачи.
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Ова се 11-ти парламентарни избори од независноста на државата.