Пишува: ВАЛЕНТИНО ДИМИТРОВСКИ
Неодамнешното неименување на уставното име на нашата држава од страна на Гордана Сиљановска Давкова, при нејзиното давање заклетва како претседател на Република Северна Македонија, ја отвора Пандорината кутија што може да реперкуира со политичка неизвесност за која сметавме дека, сепак, е надмината. Употребувајќи го историско-географскиот термин „Македонија“ во говорниот дел од заклетвата, а не уставното име на државата, новоизбраната претседателка недвосмислено го прекрши Уставот на Република Северна Македонија, ја прекрши Конечната спогодба со Грција (Преспанскиот договор) и непотребно ја разбранува наклонетата меѓународна јавност што може да има непријатни последици за нашите евроатлански интеграции, доколку ваквата практика ескалира. Очигледно е дека ваквиот однос кон уставното име на државата, кај политичките субјекти кои суверено го освоија мнозинството на претседателските и парламентарните избори, се должи на одбивноста кон решенијата во Преспанскиот договор, кој меѓународиот фактор го оцени како историски. На што се должи темелната разлика меѓу надворешната исклучително позитивна оценка на овој билателарен акт и раширената негативна интерпретација во домашната јавност?
Решението за името во Спогодбата, Република Северна Македонија, е решение кое што разграничува на кој дел од историско-географскиот термин „Македонија“ се однесува нашата држава. Придавката „Северна“ во модифицираното име прецизно го лоцира нашиот државен субјект и ги отстранува евентуалните забелешки дека имплицира значенско „протегање“ на целокупната територија на историско-географскиот топоним Македонија, но ги појаснува и дилемите кај неутралните и недоволно упатените набљудувачи однадвор за која Македонија станува збор. Дел од нив ги мешаа термините Република Македонија, историско-географската област Македонија и северната област Македонија во Република Грција. Името „Република Северна Македонија“ е прецизно и објективно, затоа што со придавката „Северна“ ја отсликува територијалната рамка на државата која останува „Македонија“ како субјект. Со називот „Република Северна Македонија“ се објективира именувањето на државата и се разграничува од останатите региони во опкружувањето кои се делови од пошироката историско-географската област Македонија.
Во вториот значаен сегмент од Спогодбата, третманот на „идентитеските“ прашања за јазикот и културниот хабитус на она што значи придавката македонско, македонски или македонска, недвосмислено и таксативно е применет моделот на цивилизациско разграничување на она што овие термини значат за нас и на она што значат за Грција. При тоа, за првпат (од грчка страна) имаме меѓудржавно истакнување, именување и признавање на нашиот културен идентитет и неограниченото право на употреба на истиот. А тоа дека овој идентитет е словенски, а не хеленски, т.е. грчки, нашата страна требаше самата да го расчисти одамна. Расчистувањето на сите насобрани историографски и идентитетско-идеолошки стереотипи и небулози од поблиското или подалечното минато е од прворазредно значење за нашата култура и без оваа Спогодба со Грција. Во таа смисла, работата на проектираниот Комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања меѓу двете земји е само за поздравување, имајќи предвид дека истиот треба да работи исклучиво врз основа на автентични докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Донекаде имаме разбирање за опонентите на оваа точка од Спогодбата, бидејќи научно и цивилизациско испитување и интерпретација на одредени историски аспекти, појави и состојби во нашиот регион може целосно да ја разоткрие и да ја разори нивната фантазматска историско-идеолошка матрица.
Грижата за нашето малцинство во Грција е едно од најгласните забелешки на опонентите на Спогодбата. Секако, нивните стравувања и обвинувања не се засновани на објективна проценка, туку на најприземно политиканство. Бидејќи со поранешната формулација во нашиот Устав по ова прашање грижата за нашето малцинство во изминатите децении не е реализирана или овозможена ниту со минимален успех. Сведена е на нула. Со признавањето на македонскиот културен ентитет и идентитет како словенски (и недвосмислено јужнословенски јазик), може само позитивно да се отворат процесите на признавање на таков ентитет, во смисла на култура и јазик, во Грција денес. Ваков ентитет дел од грчката напредна научна и интелектуална елита признаваше и досега, како што во минатото било признавано и во редовите на грчкото комунистичко движење. Денес овој словенски македонски ентитет разграничен од грчкиот македонски ентитет во Грција има значително поголема шанса да биде признат, особено ако и во Спогодбата се предвидени сите меѓународни механизми за почитување на малцинските права. Одредбата во Спогодбата дека „нашата држава потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Грција, со цел заштита на статусот и правата на лица кои не се нејзини државјани“, реферираше на една одредница во Уставот на Република Македонија каде што во преамбулата таксативно се наведува „Манифестот од првото заседание на АСНОМ до Македонскиот народ“. Проблематично во присуството на Манифестот од 1944 година во актуелниот Устав беше делот за „Македонците под Бугарија и Грција“, каде што се повикува на „… обединение на целиот македонски народ под покровот на Титова Југославија, како и на бришење на „…искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец“. Ваквите формулации инспирирани во виорот на конечната разврска при крајот на Втората светска војна и во едно сосема поинакво идеолошко и геополитичко милје, беа разбирливи и автентични во тој историски момент, но се крајно несоодветни и ретроградни денес и оправдано можат да се сметаат како иредентистичка закана. Доколку со соседите треба да се гради политика на соработка и добрососедство, таквите формулации не треба да бидат застапени во темелниот конституенс на нашата држава, независно што не беа во неговиот нормативен дел. Манифестот има темелно значење во развојот на нашата државност и неговото значење не се намалува со тоа што не фигурира повеќе во Уставот.
Како што е назначено, структурата и духот на Спогодбата се темели на принципот на поливалентно разграничување во значењето и употребата на клучните идентитетски термини и почитување на правото на различно толкување на истите, согласно различните историски и културни контексти во двете држави. Овој единствено можен принципиелен модел на решавање на долгогодишниот спор од осамостојувањето на нашата држава, но и со рецидиви од крајот на 19 век наваму, се базира на доследна неексклузивност во толкувањето на термините и нивната примена. Затоа, изненадува перманентниот анимозитет и нетрпение кон овој акт и одбивноста за негово целосно имплементирање, на што сме обврзани бидејќи претставува ратификуван меѓународен договор. Според наше мислење, причините за ваквата одбивност и неговото актуелно проблематизирање лежат во долготрајни историографски (и идентитетски) идеолошки стереотипи кои го обременуваат нашиот однос кон минатото и ја загрозуваат нашата иднина. Во нашата јавност долготрајно опстојува едно здраворазумско убедување дека историско-географската област Македонија доминантно припаѓала на нашите претци, а со Балканските војни неправедно е поделена, распарчена и значителен дел отуѓена. Од друга страна, се избегнува да се потенцира дека оваа област била изразито мултиетнички и мултиконфесионално структурирана, заради што никој на неа не можел да полага ексклузивно право и заради што бил проектиран принципот на автономија заради нејзината етничка сложеност. Нашите претци мошне добро ја разбирале оваа состојба преточена и во нивната идеологија за автономна Македонија како татковина на сите нејзини заедници. Неразбирањето на историската стратиграфија на регионот и на реалноста дека нашата држава е конципирана само на еден негов дел, како и фактот дека нашите претци (како и ние нивните потомци) биле (и сме) една од повеќето заедници во неговата богата етничка стратиграфија, резултира во актуелното одбивање на решенијата во Спогодбата со Грција кои се недвосмислено излезни, како за нас така и за Грција.
Овој билателарен договор има историско значење и широка меѓународна верификација и поддршка. Затоа, се чини илузорно уверувањето дека истиот може да се заобиколува, дополнително да се интерпретира и проблематизира бидејќи е вграден во рамката за нашиот пат кон Европската Унија и иднина. Наивно е да се мисли дека решенијата во него не се темелно консултирани со соодветни меѓународни институции и експерти (историчари и други). Наивно е и изгубено време е ако и натаму се гаи илузијата дека овој договор (и оној за Добрососедство со Бугарија), како и утврдената рамка за отпочнување на преговорите со Европската унија, се наметнати со некаков надворешен и внатрешен диктат и дека можат да се менуват и репреговараат.