На свеченоto затворање на концертната сезона на Македонската филхармонија, на 23 мај, во четврток, со почеток во 20 часот, на концертот насловен „Алфа и омега“ во Скопје ќе настапи еден од најпознатите пијанисти денес, турскиот и светски уметник – Фазил Сај.
Овој извонреден пијанист, кој поседува навистина редок талент, а со кој повеќе од три децении директно допира до срцата на публиката и критиката, за македонската публика ќе го изведе маестралниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 во c-moll,оп.37 од Лудвиг ван Бетовен, информираат од Македонската филхармонија
За Фазил Сај (1970) критиката ќе каже дека концертите на овој пијанист се нешто поинакво. Тие се подиректни, поотворени, повозбудливи, накусо – стрелаат право во срцето. Токму тоа што го изјавил и композиторот Ариберт Рејман во 1986 година, кога при посетата на Анкара имал можност да го слушне тогаш 16-годишниот Сај. Тогаш, тој веднаш го замолил Дејвид Левин, американскиот пијанист што го придружувал на тоа патување, да дојде во Градскиот конзерваториум и му кажал: „Апсолутно мора да го слушнете, ова момче свири како ѓавол“. Фазил Сај своите први часови по пијано ги почнал кај Митхат Фенмен, кој студирал кај познатиот Алфред Корто во Париз. Чувствувајќи го талентот на неговиот ученик, Фенмен го замолил секој ден да импровизира на теми поврзани со неговиот секојдневен живот, пред да работи на зададените вежби на студиите по пијано. Токму ова, контактот со слободните креативни процеси, се смета за извор на огромниот импровизаторски талент на Фазил Сај, како и на неговиот естетски поглед и во творештвото, како композитор. Неговата извонредна техника бргу му овозможила со леснотија да ги совлада комплексните дела, од префинетоста на Бах, Хајдн и Моцарт, до виртуозната брилијантност на Лист, Мусоргски и Бетовен, што ќе му донесе победа на Меѓународниот натпревар „Young Concert Artist“ во Њујорк, во 1994 година. Оттогаш, тој настапува со сите реномирани американски и европски оркестри, со водечки диригенти, градејќи повеќеслоен репертоар, кој се движи од барок, до современите дела, вклучувајќи ги и сопствените.
Диригент на концертот е маестро Јерухам Шаровски од Израел, новиот шеф-диригент на Македонската филхармонија, а на програмата оваа вечер е и уште едно дело на генијалниот Бетовен, неговата увертира „Егмонт“ оп.84, создадена по истоимената трагедија на Гетe.
Во вториот дел од концертот, најавуваат дека ќе биде изведена атрактивната Симфониска свита „Шехерезада“, оп. 35 на Николај Римски-Корсаков, создадена по мотивите од познатата бајка „1001 ноќ“.
За време на својата кариера, маестро Јерухам Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф-диригент и уметнички директор на Македонската филхармонија.