– Како што ветив во предизборието, започнувам средби со членовите на СДСМ и граѓаните низ целата држава. Првата средба вчера ја имав во Неготино. На нашите членови и активисти им се заблагодарив за поддршката и ветив дека заедно ќе ја вратиме партијата на победничките патеки. Тие ги споделија своите мислења за тоа каков СДСМ сакаат да видат во иднина и кои се очекувањата од новото раководство и пратениците, објави на Фејсбук пратеникот во новиот парламент д-р Венко Филипче.
Тој истакна дека членовите бараат пред се поголемо присуство, комуникација и координација на новото раководство и пратениците со членовите.
„Ова бил и ќе биде мој начин на работа и практикување на политиката. Единство се постигнува само со почитување на мислењата на другите, со многу работа и трпеливо градење на доверба. Мора да ги вреднуваме нашите поддржувачи и овозможиме нивно активно учество во градењето на политиките. Нивната стручност и посветеност треба да се единствено мерило за напредување во партиските органи.
На средбата ги информирав дека отворањето на регионалните канцеларии како иден пратеник е исто така во тек. Таму ќе имам редовни средби и тематски дискусии со граѓаните за креирање на политики. Нашето социјалдемократско семејство подразбира соработка и обединување на мноштво поединци и групи кои веруваат во иделите на социјалдемократијата, слободата, правдата и еднаквоста.
Им благодрам на сите кои дојдоа на средбите и ги споделија своите ставови“, наведува во објавата Филипче.