Дуња Иванова од Велосипедскиот клуб Енерџи, оваа сабота стартуваше на Маратонот во Вилинген со должина од 126 км. и 3612 м. висинско искачување, а како дел од календарот на официјални натпревари на Светската велосипедска федерација (УЦИ).
Временските услови со дожд дадоа уште посериозен акцент на патеката со што од натпреварувачите се бараше исклучителна вештина во совладувањето на спустовите и техничките предизвици со корења, карпи и насипи.
Вкупното време од 8 часа и 25 минути, за Иванова обезбедија пласман на шестата позиција помеѓу сениорките конкурентки од Германија, Холандија и Белгија, со што таа обезбеди нови поени на Светската ранг листа.
На Маратонот стартуваше и Љубиша Кондев од ВК Енерџи, кој со вкупно време од 5ч и 20м финишираше на 13та позиција во категоријата Мастерс на средната дистанца со должина од 90км и 2690м висинско искачување.
Вилинген е град во германската сојузна држава Хесен, кој по 25ти пат беше домаќин на традиционалниот Велосипедски фестивал за планински велосипедизам кој ги обедини вљубениците во овој спорт и професионалните натпреварувачи од целиот свет на УЦИ натпреварите во Спуст и Маратон.
Фото: Спортограф
Ј. Ѓ.